Чебрен и Галиште како стратешки проект за енергија и вода
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата е близу до одлука сама да го реализира проектот Чебрен и Галиште, оценувајќи го како стратешки не само за Македонија, туку и за регионот.
„Една од иницијативите што ја имаме е сами како држава да го градиме целиот тој комплекс на централи на реката Црна над постоечката Тиквеш, во јавноста познат како проект Чебрен и Галиште. Направивме пресметки и цениме дека ова е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Фокус на државно финансирање по повеќе неуспешни тендери
Тој посочи дека постојат размислувања државата сама да го финансира проектот, по неколку неуспешни обиди за приватни партнерства и тендерски постапки.
„Доколку успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе ставиме камен темелник на овој, би рекол, историски проект. Има многу причини за кои верувам и јас и колегите во Владата и во компанијата АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, народски кажано, да стиснеме заби да го изградиме сами овој проект“, изјави премиерот.
Водата како клучен ресурс во проектот
Мицкоски нагласи дека приоритет во проектот станува водата, поради климатските промени и потребите на регионот.
„Имајќи ги предвид климатските промени убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот ќе им требаат два резервоара за питка вода. А токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари, така што производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби терцијален или четврти по ред“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека од постојната хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат околу 60 илјади хектари земјоделско земјиште, што е особено важно за земјоделството во регионот.
