По повод празникот Рамазан Бајрам, премиерот Христијан Мицкоски испрати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед. Премиерот упати искрени желби за добро здравје, радост, благосостојба и семејна хармонија.

Тој ја нагласи суштината на Рамазан Бајрам како празник што нè потсетува на вистинските вредности: хуманост, солидарност и духовно смирување. Во честитката беше ставен акцент и на одговорноста на Владата за создавање праведно и еднакво општество.

„Рамазан Бајрам претставува празник на хуманост и солидарност. Тој нè потсетува дека оние кои имаат повеќе треба да покажат воздржаност од материјални удобности и да не ги запоставуваат сиромашните, сираците и оние на кои им е потребна поддршка. Значењето на овој празник е во тоа што преку добрината, трпението, заемното почитување и меѓусебното разбирање можеме заеднички да го победиме сè она што нè раздвојува.“

„Верувам дека преку толеранција, соживот, соработка и следење на вистински вредности и морални принципи, ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка држава – Македонија – во стабилна и попросперитетна земја,“ наведува премиерот.

Мицкоски ја искористи честитката да потсети на заложбите на Владата за економски развој и напредок, како и на негувањето на различностите и културниот идентитет на сите заедници во земјава.

„Како Влада, остануваме искрено посветени на негување на традициите, културата и посебностите што ги обединуваат нашите заедници. Но над сè, продолжуваме со реализација на конкретни проекти кои носат економски развој и напредок. Нашата цел е подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани, без разлика на етничка или верска припадност.“

Во честитката по повод Рамазан Бајрам, премиерот испрати и силна порака за градење праведно општество. Македојаи е општество кое обезбедува еднакви можности за сите и гарантира фер вредности за идните поколенија.

„Сите ние заедно мораме да придонесеме за промена на системот кој подолго време создавал нееднаквост, неправда и губење на достоинството кај многу луѓе. Како Влада, носиме одговорно однесување пред сите сегашни и идни генерации. Обврзани сме да изградиме фер и стабилно општество, каде секој поединец ќе биде слободен, еднаков и заштитен од силни институции. Тоа е патот по кој заеднички ќе продолжиме да ја градиме Македонија.“

На крајот од својата порака, Мицкоски им посака на граѓаните од исламска вероисповед да ги поминат празничните денови во атмосфера на мир, семејна топлина и достоинство.

„На сите граѓани од исламска вероисповед им посакувам празничните денови по повод Рамазан Бајрам да ги поминат во добра атмосфера, во мир, благосостојба и радост, со своите најблиски.“