Македонија останува на своите позиции во спорот со Бугарија
Македонија останува посветена на изнаоѓање решенија во односите со Бугарија, но нема да отстапува од своите позиции без конкретни чекори од другата страна, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова дека Софија нема да отстапи од договореното во 2022 година.
Мицкоски оцени дека добрососедските односи бараат взаемност и дека не може само едната страна да прави отстапки.
„Добрососедските односи се двонасочна улица. Не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер. Ме загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надевам дека со текот на времето рациото и разумот ќе преовладеат. Јас сум свесен дека имаат многу внатрешни проблеми. Гледам дека изгледа ќе бидат првата држава што ќе добие мерки од Европската централна банка, бидејќи ги фалсификувале и ги лажирале извештаите за буџетскиот дефицит. Имаат големи проблеми со инфлацијата, со економијата генерално, па можеби сега бараат нова тема, а најдобра тема е радикализирани ставови кога станува збор за македонското прашање. Но, ние сме трпеливи, ќе работиме и ќе победиме како многу пати што сме победиле во историјата“, рече Мицкоски.
Софија не ги почитува пресудите од Стразбур
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот повтори дека македонската страна континуирано предлага решенија, но посочи дека и Бугарија има обврски кои, според него, не ги исполнува.
„Ние нудиме цело време решенија. Софија пред себе има во минатото и други договори кои, за жал, не ги почитува, а тоа е, да речеме, потпишаната резолуција за заштита на човековите права. И на маса им стојат најмалку 14 пресуди што доаѓаат од Судот за човекови права во Стразбур, па тие не ги почитуваат“, истакна Мицкоски.
Оваа влада нема да ја игра таа игра
Тој нагласи дека Владата нема да прифаќа условувања кои се надвор од европските принципи и вредности.
„Е да, тие ќе ви кажат, „вие сакате да дојдете во клубот каде што сме ние“. Ние не сакаме да дојдеме во клубот каде што сте вие. Но, тоа е уцена и булинг. Ако веруваме и стоиме до европските вредности, тогаш треба да веруваме и стоиме до европските вредности, а ако тие мислат дека се таму и за ние да бидеме таму, треба да ги прифатиме нивните барања, тогаш оваа влада таа игра нема да ја игра и сè додека сум јас премиер, додека не видиме испорака од нивна страна, ние нема да се поместиме ниту милиметар“, порача Мицкоски.
