Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Штип, на презентацијата на новопристигнатата американска опрема во касарната „Јане Сандански“, порача дека Владата апсолутно нема да се откаже од процесот на преговори за членство во Европската Унија. Тој потенцираше дека влезот во ЕУ е врвен приоритет и цел на оваа Влада.
Одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата на поранешната пратеничка и екс-претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, поднесена до Уставниот суд за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, Мицкоски рече дека одговор најдобро може да даде самата Поповска и дека јавноста треба да ја почека одлуката на Судот.
„Апсолутно никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ. Тоа не е цел на оваа Влада, напротив – нашата цел е да станеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска, таа треба да ви одговори, а ние ќе почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука во врска со таа иницијатива“, изјави премиерот.
Уставниот суд завчера потврди дека е отворен предмет за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, одржан на 17 јули 2022 година во Софија. Според информациите, во тек е претходна постапка во која се прибираат податоци и известувања потребни за донесување на одлука.
Иницијативата, потпишана од Поповска, тврди дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот, дека документот има несоодветна форма и содржина, излегува надвор од рамките на правен акт кој регулира еден член од Договор меѓу две држави и предизвикува штетни последици за идентитетските прашања на македонскиот народ, јазик и држава.
Поповска бара Протоколот да се поништи, повикувајќи се на Виенската конвенција за договорното право (1969), која дозволува поништување на меѓународен документ доколку е во спротивност со императивна норма на општото меѓународно право – што таа го толкува како применливо во овој случај.
Во поднесокот, таа наведува дека Протоколот не е ратификуван од Собранието, не е објавен во уставниот рок во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и е спротивен на членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, бидејќи не била почитувана законската процедура за негово договарање, усвојување од Владата и потпишување.
Во иницијативата, доставена до Уставниот суд, се истакнува и дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку записник од состанок на Меѓувладина комисија. Поповска ја споредува постапката во Македонија, која ја оценува како нетранспарентна и со пропусти, со постапката во Бугарија, каде собраниската Комисија за текстот на Протоколот расправала на 23 јуни 2022 година – еден месец пред министерствата за надворешни работи да го потпишат документот – а ден потоа, на 24 јуни, го усвоила целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со Македонија, со вграден Протокол.