Повик за истрага и објавени тврдења
Премиерот Христијан Мицкоски во гостување на „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ги коментираше тврдењата на Жан Митрев дека неговата болница била предмет на обид за преземање од страна на Зоран Заев и Венко Филипче за време на претходната власт.
„Тврдењата на Жан Митрев се тврдења на жртва на луѓе од претходната власт. Јас не знам дали некој го повикал од Обвинителството Жан Митрев да посведочи и да даде докази, тоа е суштината. Очекувам идниот обвинител или обвинителка, не е битно, тој што ќе биде избран, да му биде тоа прва задача. Да го повика Жан, ако досега тоа некој не го направил, да го повика бидејќи човекот излезе јавно и кажа дека бил предмет на уцена на високи државни функционери.“
Мицкоски нагласи дека само со повик и презентирање на докази ќе се дознае вистината за тврдењата на Митрев.
Корупциски случаи и очекувања од новиот јавен обвинител
Премиерот додаде дека вакви случаи на корупција кои треба да се истражат има многу и дека очекува со новиот јавен обвинител кој треба да биде избран овие луѓе да се охрабрат и со докази да пријавуваат во Обвинителство.
„Тоа е суштината. Не е суштината дали Зоран Заев поднел тужба за клевета кон „Икс“ лице или кон „Ипсилон“ лице. Суштината е дали нашето Обвинителство го повикало тој кој што тврди или тие коишто тврдат, не е само тој. Мене лично ми дошле многу луѓе коишто ми сведочеле дека биле жртва на уцена од претходната Влада. Ајде во претходниот состав на Обвинителството разбирам, се плашеле, бил обвинител којшто бил избран од претходното мнозинство, немале доверба можеби, не знам, но очекувам дека со новиот државен јавен обвинител, сите овие коишто мене ми доаѓаат и ми пријавуваат дека биле жртва на уцени, преземање непријателски на бизниси итн. да си пријават со докази како се исплаќани фактури во РЕК Битола, па како тие завршуваат магично на фирми во Бугарија итн. Тука имаме еден поширок опфат на нештата.“
Суштината е повикот на Митрев
Мицкоски подвлече дека суштината на целиот процес е дали Обвинителството го повикало Жан Митрев да даде исказ и докази:
„Тоа е суштината. Дали некој во Јавното обвинителство го повика Жан Митрев да даде исказ и да даде докази? Тука најлесно ние ќе знаеме дали е вистина тоа или не е вистина. Дали некој туку-така си излегува и си кажува или не е така.“
