Заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право
Претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски денес остварил телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
-Изразив искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите. Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација, објави Мицкоски.
Премирот посочи дека во разговорот ја нагласил и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот.
-Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно. Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста, вели Мицкоски.
