Министерството за финансии ја исплати еврообврзницата од 2020 година
Министерството за финансии ја исплати еврообврзницата издадена во 2020 година. За исплатата се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека станува збор за значаен финансиски чекор за државата.
„Вратени се 700 милиони евра која што претходната Влада ги зема во 2020 година, тие се вратени пред време со што се заштедени неколку милиони евра“, изјави Мицкоски.
Мицкоски: „Сервисирани се околу 4,6 милијарди евра обврски“
Тој посочи дека во изминатиот период државата сервисирала значителен износ на долгови и обврски.
„До сега во овие две години сервисирани се или репрограмирани се околу 4,6 милијарди евра. Тоа е долг и обврски создадени од 7 години Влада СДСМ и ДУИ, кои во најголем дел се од тој период. Процентуално тоа е нешто повеќе од 3/4 долг“, рече Мицкоски.
„Истовремено изнаоѓаме средства за инфраструктурни проекти“
Премиерот нагласи дека Владата паралелно со сервисирањето на долговите работи и на реализација на проекти.
„Ние ги сервисираме тие обврски и истовремено изнаоѓаме средства за вакви проекти, за инфраструктурни проекти коишто вие ги гледате“, потенцира Мицкоски.
