Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата работи во услови на, како што рече, „катастрофална“ состојба наследена од претходната власт, оценувајќи дека анкетите во кои ВМРО-ДПМНЕ има водство претставуваат дополнителна обврска, а не причина за задоволство.

– Како ВМРО-ДПМНЕ и како Влада правиме сè што е во наша моќ да испорачаме, и јас лично што е можно повеќе за граѓаните. За жал, состојбата која што ја наследивме од претходната влада е ужасна, катаклизмична. Грешките кои што се таложеле со децении и погрешните политики кои што имале негативен ефект врз државата се големи. Ресурсите се, за жал, многу мали како резултат на тие погрешни политики. И ние работиме врз основа на приоритети – рече Мицкоски по настанот „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“.

Тој нагласи дека резултатите од анкетите треба да бидат поттик за дополнителна работа.

– Овие бројки само треба да нè мотивираат дополнително да работиме. Ова се само поголема одговорност и за мене како претседател на Владата, но и како ВМРО-ДПМНЕ, како носечка партија во рамките на владината коалиција. Во јавноста знаете, од страна на опозицијата се испраќаат погрешни пораки, би рекол, невистинити пораки. Пораки навредувачки, пораки кои што имаат намера да растураат пердуви и по теркот на оние пи-ар стратегии колку фати, фати, колку не фати, тоа е тоа – посочи тој.

Премиерот додаде дека Владата се однесува како „сериозна државотворна партија“ и дека фокусот е на работа, а не на ветувања.

– Јас како човек, ќе сторам сè што е во моја моќ да испорачаме што е можно повеќе за граѓаните. Чуда никогаш не сме ветувале. Ако ги игнорираме оние лажни изјави од страна на опозицијата, за наводни наши ветувања кои што никогаш не сме ги кажале. Ние водевме кампања и во 2024, и во 2021, и во 2025 година дека чуда не ветуваме, чуда се невозможни, оној кој што ветува чуда не ја говори вистината, ги манипулира граѓаните. Ветуваме многу работа, напорна работа, работа како никогаш досега и што е можно повеќе политики, реформи за подобра иднина на граѓаните – нагласи Мицкоски.

Последното истражување на јавното мислење на МКД.мк и агенцијата Маркет вижн, спроведено од 2 до 18 март, покажува дека најголема доверба меѓу граѓаните има ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Мицкоски.

Според анкетата, 25,2% од испитаниците изјавиле дека имаат најголема доверба во Мицкоски, додека следуваат Али Ахмети (5,6%), Димитар Апасиев (4,2%), Изет Меџити (3,9%), Венко Филипче (3,6%) и Максим Димитриевски (3%).