Незаконско следење во периодот од 2019 до 2024 година
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најмалку еден јавен обвинител и неколку новинари биле незаконски следени и прислушувани од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во периодот од 2019 до 2024 година, тврди извор од обвинителските кругови за Плусинфо.
Русковска и новинарите под лупа
Обвинителката Вилма Русковска потврди дека дознала оти е следена од Јовче Ременски, сопруг на поранешната пратеничка Фросина Ременски, против која поднела обвинение. Новинарот Кристијан Ландов изјави дека нема сознанија за вакво следење, додека Љупчо Златев тврди дека уште во 2019 година бил ставен под посебни мерки и дека против него се води постапка за „Оддавање државна тајна“.
– Податоците кои ги имам се дека во периодот од 2019 до 2024 година за мене се отворани апсурдни предмети, кои имаат единствена цел да бидам ставен под посебни истражни мерки, односно да бидам следен и прислушуван. Белешките кои се користеле, се искази за луди сценарија, кои на службата ѝ ги кажувале некакви соработници. Содржината е измислена, а соработниците случајно ги познавам, односно се луѓе кои постојано ми се појавувале од некаде, сакајќи да имаат комуникација или некаква соработка со мене. Еден од нив е осуден за убиство на дете и старец, друг е подкастер и некаков уредник, трет е измамник кој пропадна една од најголемите градежни компании во земјава. Во меѓувреме, кога беше Виктор Димовски директор на АНБ, агенцијата поднесе кривична пријава против мене и почна судска постапка за „Оддавање на државна тајна“, која трае до ден денес. Во меѓувреме, Стејт Департментот, во извештајот за човековите права во Македонија, го спомна моето име како елементарен пример за неоснована репресија врз новинар од страна на тајната служба. Чекам разрешница на овој апсурден случај, кој во изминатите пет години предизвикува огромна загриженост во моето семејство. Но, чекам и да го видам Виктор Димовски зад решетки. За кодошите, ќе ги оставам тешките муабети на страна, нив универзумот доволно ги казнил – рече Златев.
Главниот и одговорен уредник на Радио Лидер, Љупчо Златев се огласи и на својот Фејсбук профил.
Александар Николоски повика на одговорност
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски побара Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани.
Во опозиционите денови искажувавме сомнежи дека сме следени од тајните служби кои беа злоупотребувани од власта на СДСМ и ДУИ, а со нив и Стево Пендаровски. Имавме сомнеж дека Агенцијата за разузнавање пишува клеветнички лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала. Тоа беше начин за политичка дискредитација кој не им успеа! Промените се случија на минатогодишните избори, а со тоа и патот кон расчистување во тајните служби и одговорност за оние кои ги злоупотребуваа! Повикувам Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани. Доста е од злоупотреби на тајните служби, напиша Николоски на Фејсбук.
Реакции и институционални најави
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) досега нема примено официјални поплаки, но најави подготвеност за правна помош. АНБ, пак, доставила три известувања до Јавното обвинителство против поранешен директор и група вработени поради сомнежи за незаконско постапување во наведениот период.