Владата е одлучна проектот „Безбеден град“ да го стави во функција
Владата е одлучна проектот „Безбеден град“ да го стави во функција, а по неговата имплементација веќе нема да има толкав број жртви од сообраќајни незгоди, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на пратенички прашања.
Целта е, нагласи, да се спасат што е можно повеќе човечки животи, без притоа да се води сметка кој од која етничка припадност е.
– Во 2025 година во Скопје имало 28 сообраќајки во кои настрадале 32 лица. Од нив 17 биле Македонци, а 12 Албанци и останати припадници на други етнички заедници. Во декември 2025 во Скопје имало нула починати, а во декември 2024 имало пет, пет спроти нула. Пред неколку дена во интервју на албански медиум кажав дека ако е тоа цената што како Влада треба да ја платиме и да дојдете вие кои ќе го укинете овој проект и повторно ќе ги вратите жртвите како резултат на сообраќајните негоди на улиците и во главниот град, коридорите и другите градови, во ред, подготвен сум тоа да го прифатам. Но, се додека јас сум премиер, ќе се борам да спасам макар и еден човечки живот, без притоа да водам сметка каква му е етничката припадност. Ќе бидам среќен, ќе спијам мирно зашто сум спасил еден човечки живот без разлика на неговата етничка припадност, му порача Мицкоски на пратеникот Скендер Реџепи кој го постави прашањето.
Премиерот Мицкоски му порача на пратеникот Реџепи дека треба пошироко и објективно да ги гледаат работите, наместо да ги етнизираат прашањата мислејќи дека така ќе добијат политички поени.
„Што се однесува до Законот за правична застапеност, тој е готов, ги доби последните позитивни мислења на Венецијанската комисија. Ќе ве потсетам, мислењето на Венецијанската комисија согласно последните измени во процесот на пристапување кон Европската Унија и согласно последните барања за промена на методологијата во процесот на пристапување се одлучувачки фактор. По истите се постапува и очекувам многу скоро овој закон да биде доставен пред вас пратениците и се надевам дека едногласно истиот ќе биде усвоен бидејќи има позитивна препорака на Венецијанската комисија и се надевам дека нема на тој начин пратениците да ги загрозат европските процеси на државата“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Во врска со одлуката на Уставниот суд, премиерот Мицкоски нагласи дека одлуки на Уставен суд нема да коментира, но факт е дека ова мнозинство во Уставниот суд е избрано во време на претходната влада, а не во оваа.
