Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, е прогласен за Млад глобален лидер (Young Global Leader – YGL) од страна на Светскиот економски форум (WEF) за 2025 година. Ова престижно признание се доделува на исклучителни личности под 40 години кои покажале врвни лидерски квалитети. Признанието докажува посветеност на јавен интерес и реални резултати во областа на општествена трансформација и глобално дејствување.

Изборот на Муцунски потврда за интегритет, визија и меѓународна активност

Секоја година, Светскиот економски форум избира околу 100 лидери од целиот свет, од кои само десетмина доаѓаат од Европа. Преку повеќестепен селекциски процес, што вклучува специјализирана комисија и консултации со глобални експерти, се оценуваат професионалните достигнувања, јавната посветеност и личниот интегритет на кандидатите.

Изборот на Млад глобален лидер се темели на визионерско и одговорно лидерство во различни области, вклучително и политика, економија, наука, технологија и граѓански ангажман.

Во официјалното образложение за признанието, Светскиот економски форум го нагласува придонесот на Муцунски во развојот на дипломатијата, неговата работа во полето на надворешна трговија, како и заложбите за меѓународна соработка и добро владеење.

Муцунски: Да се биде дел од оваа заедница е чест и одговорност

Министерот Муцунски, по објавата на признанието, се обрати до јавноста преку видео-изјава на своите социјални мрежи.

Да бидам избран за еден од Младите глобални лидери за 2025 година од страна на Светскиот економски форум за мене претставува огромна чест.

Ова признание го гледам како потврда, но и како обврска – да се продолжи со доследна, транспарентна и визионерска работа. Да се биде препознаен меѓу водечки млади лидери од различни сектори ширум светот, претставува и привилегија и предизвик.

Во период на брзи глобални промени, се верува дека лидерството мора да се темели на долгорочна визија, етичко дејствување, сочувствителност и посветеност кон градење одржливи решенија.

Особено сум благодарен што ќе бидам дел од заедницата на оние кои не само што мислат, туку и активно работат на тоа светот да стане поправедно и поотпорно место,“ изјави Муцунски.

Млад глобален лидер – позиционирање на Македонија во глобалните процеси

Изборот на Муцунски за Млад глобален лидер ја става Северна Македонија на мапата на прогресивни држави со истакнати млади лидери. Признанието ја валоризира политичката, дипломатската и институционалната работа на министерот.  Валоризацијата е на база на европските вредности, регионалната соработка и меѓународна соработка.

Во заедницата на добитници се вбројуваат Марк Закерберг, Емануел Макрон, Питер Тил, Нико Розберг, Александар Стуб и Александар Де Кроо.

Самиот факт дека Македонија ќе има свој претставник во оваа елитна мрежа го подигнува угледот на земјата. Ова признание поттикнува нова генерација млади професионалци да се стремат кон глобално влијание.