Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ ќе биде погребен со највисоки државни почести, потврди српскиот министер за правда Ненад Вујиќ за бањалучката „Алтернативна телевизија“.

Вујиќ посочи дека Младиќ има чин генерал и дека соодветните протоколи ќе бидат испочитувани, но нагласи дека конечната одлука за местото на погребот ќе ја донесе неговото семејство.

„Генералот Младиќ е генерал и протоколите се познати. Позната е и неговата улога, но и она што му следува на генералот Младиќ сигурно ќе биде испочитувано. Напоменувам дека Република Српска овде не е таа што одлучува, семејството ќе одлучи и за местото на кое ќе биде погребeн, бидејќи тоа е работа на неговото семејство“, изјави Вујиќ за „Алтернативна телевизија“.

Тој додаде дека Србија очекува од Механизмот да добие информации за временската рамка во која треба да се спроведат потребните процедури и чекори за преземање на телото.

„Очекуваме од Механизмот да ни даде одредена временска рамка за процедурите и за чекорите што треба да ги преземеме. Подготвени сме, доколку ни кажат да дојдеме утре наутро, да бидеме во Хаг и да го преземеме телото на генералот Младиќ“, рече Вујиќ.

Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Тој беше командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска од 1992 до 1996 година. Во Србија беше уапсен во мај 2011 година, по што беше екстрадиран во Хашкиот трибунал.

Жалбениот совет на Механизмот во 2021 година ја потврди првостепената пресуда со која Младиќ беше осуден на доживотен затвор.