Европа треба да ги забрза напорите за зајакнување на одбраната и да се избори за посилна улога во светската распределба на моќта, оцени полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на Варшавскиот безбедносен форум. Според него, прашањето не е дали Европа ќе биде окупирана, туку дали САД, Кина и Русија ќе ги определуваат сферите на влијание без неа.

„Ако го направиме само она на што веќе се обврзавме на самитот во Хаг и на самитот во Анкара, тогаш до крајот на деценијата ќе имаме армии со кои рускиот претседател Владимир Путин нема да може успешно да се справи“, истакна Сикорски.

Тој предупреди дека Европа ризикува да остане само „обичен снабдувач на податоци и туристичка дестинација“, наместо да стане „третиот столб“ во глобалната рамнотежа на моќта.

Британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд, кој говореше заедно со Сикорски, рече дека слободата, демократијата, мултилатерализмот и владеењето на правото се загрозени ширум светот и дека за нив треба да се води борба „на сите фронтови“.

„Улогата на Европа во ова е од суштинско значење за зачувување на светскиот поредок што би го препознале и кој навистина би го правел она што е исправно за нашите деца“, рече Милибанд.

Тој повика хибридната војна да се сфати многу посериозно и да се разгледаат сите расположливи средства за одвраќање и спротивставување. Милибанд истакна и дека поддршката за Украина треба да продолжи без намалување, вклучително и преку финансиска и енергетска помош, како и со дополнително заострување на санкциите против Москва.

Говорејќи за хуманитарните последици од војната во Украина, британскиот министер ја нагласи важноста од почитувањето на Меѓународниот кривичен суд и Меѓународниот суд на правдата.

„Ако се залагаме за меѓународен поредок заснован на правила и го почитуваме меѓународното право, тогаш како демократии е исклучително важно да ги поддржуваме тие принципи, бидејќи тие се важни механизми за утврдување одговорност“, заклучи Милибанд.