Пред 59 години, на 18 јули 1967 година, во Охрид беше донесена одлуката за прогласување автокефалност на Македонската православна црква (МПЦ) како наследничка на обновената Охридска архиепископија. Одлуката беше усвоена на Третиот црковно-народен собор, а свечениот чин на прогласувањето беше извршен на 19 јули 1967 година во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, тогаш позната и како „Св. Климент“.

Одлуката ја соопшти новоизбраниот архиепископ Охридски и Македонски г. Доситеј, чие световно име било Димитрија Стојковски. По него, на чело на МПЦ биле избрани и архиепископите Ангелариј (Цветко Крстевски), Гаврил (Ѓорѓи Милошевски), Михаил (Методи Гогов) и Стефан (Стојан Велјановски).

Патот кон обновување на Охридската архиепископија

Активностите за обновување на Македонската православна црква започнале уште во текот на Народноослободителната борба. Пред крајот на војната, во 1944 година, во селото Врановци бил формиран Иницијативен одбор за организирање на МПЦ.

На 3 јануари 1945 година, Иницијативниот одбор за обновување на Охридската архиепископија испратил писмо до Светиот архијерејски синод на Српската православна црква (СПЦ), во кое ја образложил иницијативата. Писмото пристигнало во СПЦ на 22 јануари 1945 година, а на него одговорил протераниот скопски митрополит Јосиф со порака:

„Штом бидам слободен, ќе се погрижам да се видам со вас, во Белград или Скопје“.

На 4 март 1945 година во Скопје бил одржан Првиот црковно-народен собор, на кој била донесена резолуција за обновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква.

На 9 март 1945 година, Иницијативниот одбор испратил телеграма до СПЦ, во која било наведено дека на соборот делегатите ја изразиле желбата на православните Македонци за што побрзо прогласување самостојна Македонска православна црква, односно обновување на историската Охридска архиепископија.

Светиот синод на СПЦ побарал митрополитот Јосиф да замине во Скопје, но министерот за внатрешни работи не му издал патна дозвола.

На 2 април 1945 година, митрополитот Јосиф го известил Светиот синод на СПЦ дека формирал црковен суд за Скопската епархија со привремено седиште во Врање.

Како реакција на тоа, со акт на Претседателството на Владата на Македонија од 25 јули 1945 година било испратено известување до администраторот на Српската патријаршија дека свештенството на Скопската епархија ги разгледувало постапките на митрополитот Јосиф.

На 7 декември 1946 година, делегација на Иницијативниот одбор, составена од свештениците Нестор Попов, Кирил Стојанов и Мукаетов, заедно со две граѓански лица, одржала состанок со српскиот патријарх Гаврил и митрополитот Јосиф.

На средбата биле изнесени несогласувањата меѓу двете страни во црковниот спор. Патријархот Гаврил подоцна се согласил во рамките на СПЦ Македонците да поставуваат свештеници и да избираат нови црковни одбори и совети во кои би учествувале Македонци.

На 10 мај 1947 година, кај патријархот Гаврил се одржала средба на која присуствувале генералот Љубодраг Ѓуриќ и Лазар Колишевски. На средбата било истакнато дека Македонците сакаат своја црква и дека нема да отстапат од своите барања.

Поради несогласувањата со ставовите на Архиерејскиот собор на СПЦ, Иницијативниот одбор подоцна наместо барање за автокефална црква, побарал признавање на самостојна црква. Но и ова барање не било прифатено.

По долгогодишниот застој, од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид бил одржан Вториот македонски црковно-народен собор. На него бил прифатен предлогот за обновување на Светиклиментовата Охридска архиепископија, олицетворена преку самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ бил избран г. Доситеј.

Од самостојноста до признавањето на автокефалноста

Архиерејскиот собор на СПЦ ги прифатил одлуките на Македонскиот црковно-народен собор во 1959 година. Самостојноста на МПЦ била потврдена со заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, одржана на 19 јули 1959 година во црквата „Св. Мина“ во Скопје.

Истовремено била извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент.

Со тоа, МПЦ добила самостојност, но останала во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот патријарх.

Неколку дена подоцна, во црквата „Св. Никола“ во Штип, г. Наум бил хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија. Бил конституиран и Синодот на МПЦ, како и останатите административни органи и тела во архиепископијата и епархиите.

Во мај 1962 година, во придружба на српскиот патријарх Герман и неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол московскиот патријарх Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и други претставници на Руската православна црква.

На празникот на Светите Кирил и Методиј, во црквата „Св. Богородица Каменска“ во Охрид била одржана архијерејска литургија на која учествувале патријархот московски Алексиј, патријархот српски Герман и архиепископот Охридски и митрополит Македонски Доситеј.

Тоа било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви.

Во 1966 година, односите меѓу МПЦ и СПЦ повторно се влошиле. По новите несогласувања, Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикал Третиот црковно-народен собор.

На свечената седница во охридската црква „Св. Климент“, била прогласена автокефалноста на Македонската православна црква.

Свечениот чин бил извршен на Светата архијерејска литургија одржана на 19 јули 1967 година во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, од Светиот архиерејски синод на МПЦ.

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала ознаката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија.

Покрај тоа, МПЦ-ОА извршила промена во грбот и знамето, при што наместо приказот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ била ставена црквата „Св. Софија“ во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Во 2022 година, по долгогодишниот спор меѓу Српската и Македонската православна црква, СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, со што беше завршен спорот што траеше со децении.