Новоизбраниот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски веднаш почнува со работа. Денеска ќе присуствува на на Советот за надворешни работи на ЕУ. Како први дестинации ги има Луксембург и Брисел каде на покана од еврокомесарот Жозеп Борел ќе има низа состаноци со шефовите дипломати.
Кога станува збор за евроинтеграциите Муцунски вели дека ставот е јасен. Земјата мора да се интегрира во Европската унија, но не по цена да се погази националното достоинство.
Сакаме напредок на патот кон полноправно членство врз основа на вредности и критериуми кои самата Европска унија ги бара поврзани со Копенхагеншките и Мадридските критериуми и имплементацијата на целокупното законодавство. Истовремено сметаме дека процесот на Европска интеграција не треба да биде оптоварен со билатерален договор. Со добра верба користејќи дијалог и користејќи ги алатките на демократијата може да постигнеме успех и напредок на земјата, рече Муцунски во изјава за МРТ од Брисел.
Муцунски како нов шеф на дипломатијата ги повтори заложбите. Според него полноправното членство во ЕУ е главен приоритет, а токму тоа е од суштинско значење за регионалната соработка, безбедност и развој.
На ваквиот состанок освен Тимчо Муцунски присуствува и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис. Не се знае дали двајцата министри ќе остварат средба.