Говорејќи за активностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Муцунски на денешната трибина „100% за тебе“ насловена „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигиталната трансформација“, истакна дека во првите 100 дена фокусот во ресорот со кој тој раководи бил ставен на поставување на темелите на тоа што треба да се работи во делот на меѓународната политика, но и многу поважно на градење на стратешкиот пристап за понатамошното димензионирање на меѓународната политика. Притоа тој нагласи дека во првите сто дена приоритетот бил ставен на надворешна политика заснована на одржливи и долгорочни приоритети, а воедно ги напомена и активностите насочени кон интеграција во Европската Унија, како и целосната усогласеност на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, поддршката на Украина и важноста почитувањето на меѓународното право во таа насока.
Муцунски говореше и на активностите во делот на мултилатералното работење, а како посебно достигнување на успешната меѓународната политика го нагласи прифаќањето на кандидатурата на Република Северна Македонија за член во Советот на човекови права на ОН и кандидатура за членство во Организацијата за забрана на хемиско оружје. Додаде дека и во иднина ќе се работи на зголемена и активна улога во меѓународните организации и одлични билатерални односи со сите меѓународни партнери и не само олитички, туку и економски релации кои помеѓу другото ќе бидат во насока на заштита на деловниот интерес на домашните компании во странство.
Муцунски се осврна и новата надлежности на МНРНТ во делот на надворешната трговија и во таа насока тој информираше дека во финална фаза е изработката на нацрт верзија на Законот за надворешни работи, кој има цел во министерството со кое тој раководи да ги интегрира сите формални надлежности поврзани со надворешната трговија, со што ќе ги направи дипломатско – конзуларни претставништва поангажирани во делот на привлекување на странски инвестиции, што пак ќе резултира со отворање на нови работни места.
Тој се осврна и на активностите во делот на привлекување странски инвестиции во чии рамки во изминатиот период се остварени средби со приватни компании и стопански комори, каде дел од приватните компании веќе пројавиле интерес за инвестирање во нашата држава.