„Генерациски самит со историски последици“, оценува шефот на дипломатијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, Тимчо Муцунски, во интервју за американскиот тинк-тенк „Atlantic Council“, изјави дека одлуките донесени на последниот самит на НАТО во Хаг ќе имаат долгорочни историски последици и ќе го обликуваат патот на генерациите што доаѓаат.

  • „Јас лично го нарекувам генерациски самит. Мислам дека одлуките што ги донесовме ќе имаат позитивни историски последици за идните генерации. Мислам дека беше клучно да се донесе одлука, особено за идните инвестиции потребни за членките и Алијансата“, изјави Муцунски.

Во интервјуто, Муцунски особено ја нагласува улогата на САД и администрацијата на Доналд Трамп во обезбедувањето водство за тешките, но неопходни одлуки што беа донесени.

  • „Сакам да нагласам дека без водството на администрацијата на Трамп и САД, никогаш не би ги донеле овие тешки одлуки. Значи, заслугата треба да оди таму каде што припаѓа. Но и одлично водство меѓу сојузниците, отвореност за дискусија и дебата и фокус на тоа дека вложувањето во одбрана не е само за тврда одбрана, туку и за инвестиции во индустриската база, инфраструктурата, сајбер-отпорноста и слично“, изјави тој.

Македонија рамо до рамо со сојузниците

Во разговорот со „Atlantic Council“, Муцунски зборуваше и за активниот придонес на Македонија како полноправна членка на Алијансата.

  • „Ние сме една од поновите членки на НАТО, но ние сме нација која сериозно го сфаќа членството во НАТО. И веќе планираме како да го достигнеме прагот од 5%. Покрај инвестирањето во армијата, за НАТО мисиите сме присутни од Балканот до Балтикот, со нашите храбри војници кои ја претставуваат нашата горда нација и придонесуваат за колективната безбедност“, изјави Муцунски.

Муцунски освен за админстрацијата на Трамп додаде и порака до американската јавност:

  • „Американците треба да знаат дека македонските сојузници се со нив. Рамо до рамо – од Балканот до Балтикот. Тоа е добар начин да се каже“, порача министерот.

Извор: Нова Македонија