Македонската заедница во Обединетото Кралство придонесува за јакнење на меѓудржавните врски, културна интеграција и промоција на македонскиот идентитет

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој престојува во тридневна работна посета на Лондон, објави на својот Фејсбук-профил дека при средбата со македонските иселеници во Обединетото Кралство, им се заблагодарил за нивниот труд, љубов и ангажман.

Македонската заедница во Обединетото Кралство претставува жив мост помеѓу Македонија и Велика Британија, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски

„Заедно градиме посилни врски, заедно придонесуваме за подобра држава. Нивниот труд, успеси и љубов кон татковината се инспирација за сите нас. Нивната интеграција во британското општество, научната дејност, бизнис-секторот и културниот живот е уште еден доказ дека македонскиот идентитет се негува и надвор од границите на нашата земја. Ги запознав со тековните активности на Владата и Министерството за унапредување на врските со дијаспората, особено во делот на културната соработка, поддршката на младите и создавање нови можности за поврзување со матичната земја. Благодарен сум за нивниот ангажман и ја нагласив потребата од натамошно зајакнување на комуникацијата и соработката,“ напиша Муцунски.

Во рамки на посетата, Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски вчера во Лондон остварија средба со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, Гарет Томас.

Фокусот на средбата бил ставен на потенцијалите за унапредување на економската соработка, како и на зголемувањето на трговската размена. Разговарано било и за можностите за заеднички инфраструктурни проекти, како и за подобрување и модернизација на здравствените капацитети, со што би се зајакнала и практичната соработка меѓу двете држави.

Муцунски во Лондон престојува на покана на државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами.

Целта на посетата, како што соопштуваат од Министерството, е интензивирање на севкупните билатерални односи преку јакнење на политичкиот дијалог и продлабочување на економската и стратешката соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство.

Во фокус на разговорите ќе бидат и евроинтегративниот процес на земјава, билатералните и мултилатералните односи, како и актуелните регионални, европски и глобални прашања кои ги засегаат двете држави.