Муцунски: Македонските лекари специјалисти кои лекуваа пациенти од Кочани се подготвени да заминат во Швајцарија

По трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана, активиран е европскиот механизам за цивилна заштита, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Активиран европскиот механизам за цивилна заштита

Како што соопштуваат од Министерството, министерот Тимчо Муцунски, по консултација со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу, остварил телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер. Во разговорот, Муцунски упатил искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите и до народот на Швајцарија, со желби за брзо закрепнување на повредените.

Подготвеност за прифаќање пациенти и медицинска помош

Во рамки на комуникацијата била изразена подготвеност Република Македонија да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска нега во домашните здравствени установи, доколку за тоа се појави потреба.

Македонски лекари подготвени за заминување во Швајцарија

Дополнително, министерот Муцунски посочил дека македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на повредените по трагедијата во Кочани, се подготвени веднаш да заминат во Кран-Монтана и да се вклучат во процесот на лекување, доколку биде побарана таква поддршка.

Од Министерството за здравство информираат дека заедно со Дирекцијата за заштита и спасување се во постојана координација со здравствените власти во Швајцарија. Комуникацијата се одвива преку EU ERCC, со цел да се утврдат потребите за медицинско згрижување на настраданите.

Во моментов, како што наведуваат од МЗ, се анализираат капацитетите за евентуално прифаќање на дел од повредените или испраќање македонски лекари специјалисти во Швајцарија.