Потребен ни е дијалог со Бугарија и во тој контекст јас побарав билатерална средба со мојата колешка од Бугарија на состанокот на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО алијансата, што ќе се одржи во Шведска за околу десетина дена. И покрај сѐ тоа што се случи во последните денови, мојот став беше прилично јасно артикулиран и јавноста го слушна за онаа несекојдневна и навистина непријатна епизода од пред некој ден, изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прес-конференција во Владата.
На новинарско прашање дека ставот на опозицијата дека прашањето за Бугарија е европски, а не билатерален проблем, Муцунски рече дека е чуди оти ставовите на Софија и на главната опозициска партија се совпаѓаат.
– Прво на кое што не можам да се изначудам е колку се совпаѓаат ставовите на Софија и на главната опозициска партија, но граѓаните нека судат на крајот на денот. Моја улога како министер за надворешни работи и улогата на Владата е секогаш да стои на линија на заштита на тоа што е наш национален интерес и приоритет на државата, што значи да не молчиме кога има обиди за понижување на државата, туку да си стоиме цврсто на тие позиции кои што на нас ни се значајни, но исто така и да преземаме чекори да правиме сѐ тоа што е потребно да ја движиме напред државата кон европскиот пат, рече Муцунски.
Според него, дијалогот со Софија ни е потребен, прво, како што рече бидејќи ни е сосед со кој што, покрај оваа блокада на нашата европска иднина, имаме и други предизвици, но и други проекти кои што ни се значајни во билатералните односи.
– За околу десетина дена сме во Шведска на состанок на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО алијансата, и побарав на моја иницијатива да остварам билатерална средба официјална со мојата колешка од Бугарија, каде што меѓу другото, една од темите кои што ќе ги дискутираме е и темата за овие неевропски услови кои што ни се наметнуваат на нашата држава, рече Муцунски.
Додаде дека засега нема одговор од бугарска страна, но изрази оптимизам дека ќе добиеме позитивен одговор.
– Како што со оптимизам сакам да верувам дека опозицијата по денешната прес-конференција ќе развие зрелост, исто така сум оптимист дека ќе добиеме позитивен одговор. Ние мораме да имаме дијалог, колку и да не се согласуваме, колку и некогаш да имаме дијаметрално спротивставени ставови по различни теми. Прво како луѓе, а второ како претставници на држави кои што делат граници, кои што имаат клучни проекти меѓу себе. Ние мораме да имаме дијалог. Тоа не значи дијалогот не треба да значи и попусливост по секоја тема. Има, тоа се две сосема различни работи. Но дијалог мораме да имаме, заклучи Муцунски.
