Северна Рајна-Вестфалија е еден од нашите значајни политички и економски партнери во Германија. Многубројни компании од покраината веќе инвестираат во нашата држава, а целта е добрите односи да ги претвораме во нови економски можности и конкретни проекти. Ова го истакнува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во објава на „Фејсбук“ по средбата на македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на покраината, Хендрик Вуст.

– Во рамките на работната посета на Северна Рајна-Вестфалија, заедно со делегацијата предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, остварив средба со премиерот на покраината, Хендрик Вуст. Во фокусот беа политичкиот и економскиот дијалог, институционалната соработка, инвестициите, технолошкото поврзување и продлабочувањето на врските меѓу компаниите и институциите – наведува Муцунски.
Тој нагласува дека посебно значење има и многубројната македонска дијаспора како важен мост меѓу двете општества и дополнителен потенцијал за економско и општествено поврзување.
-Разговорите се надоврзуваат на интензивираниот дијалог од претходниот период и на Заедничката декларација за намери за соработка 2026–2030, потпишана при мојата претходна посета на Диселдорф – додава Муцунски во објавата на Фејсбук. МИА
