Скопје и Анкара ги продлабочуваат економските врски преку заеднички бизнис настан
Македонско-турските економски односи утре ќе бидат во фокусот на бизнис форум што ќе се одржи во Истанбул, на кој ќе учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, форумот е организиран од владите на двете земји и има за цел да ја зајакне економската соработка, да поттикне нови инвестиции и да создаде простор за деловни партнерства меѓу компании.
„Форумот ќе ги обедини претставниците на институциите на највисоко ниво и бизнис-заедниците од двете држави, со цел унапредување на економската и трговската соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства“, соопшти МНРиНТ.
На настанот се очекува учество на голем број компании од двете земји, кои ќе реализираат Б2Б и Б2Г средби.
Заедничко отворање и билатерални разговори
Форумот ќе го отворат министерот Муцунски и министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.
На маргините на форумот е планирана билатерална средба меѓу двајцата министри, на која ќе се разговара за унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и привлекување нови инвестиции.
„Настанот претставува значајна можност за продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција, како и за воспоставување нови деловни контакти и партнерства меѓу компаниите од двете држави“, нагласуваат од МНРиНТ.
