Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавни набавки ќе ја унапредуваат соработката во спречувањето и сузбивањето на корупцијата и криминалот поврзани со јавните набавки. За таа цел, денеска во МВР беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Бирото за јавна безбедност и Бирото за јавни набавки.

Документот го потпишаа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска.

Со меморандумот се воспоставува рамка за унапредување на меѓусебната институционална соработка. Една од целите е зголемување на ефикасноста во размената на податоци по електронски пат.

Предвидено е и организирање континуирани обуки, како и развивање други форми на соработка во рамките на делокругот на работењето на Бирото за јавна безбедност и Бирото за јавни набавки.

Меморандумот ги уредува и начините на координација и меѓусебна соработка во областа на спречувањето и сузбивањето на корупцијата и криминалот поврзани со јавните набавки.

Тоа ќе се реализира преку поефикасна размена на информации и заеднички активности, во рамките на законските надлежности на двете институции.

Со потпишувањето на документот, двете институции ја потврдуваат заедничката заложба за зајакнување на институционалните капацитети, транспарентноста и интегритетот во системот на јавните набавки.

Воедно, целта е да се придонесе кон поефикасна борба против корупцијата и криминалот во оваа област.