Внатрешна контрола во МВР при извршени проверки констатирала дека нема незаконско постапување при одбивањето на влез на четворица државјани на Обединетото Кралство со возило со странски регистарски ознаки на 6-ти мај. на граничниот премин Табановце, информираа денеска од МВР.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапуваше по објава на социјална мрежа, каде од државјанин на Обединетото Кралство е објавено видео на англиски јазик за одбиен влез во Република Северна Македонија, во кое се изнесуваат и наводи за поткуп.По извршените проверки, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди утврди дека на 06.05.2026 на Граничен премин Табановце, за влез во државата се пријавило возило со странски регистарски ознаки, управувано од државјанин на Обединетото Кралство, заедно со уште тројца сопатници, исто така, државјани на Обединетото Кралство. По извршената гранична контрола на патниците и возилото, било утврдено дека за возилото недостасува потребната документација за влез, која е задолжителна согласно позитивните законски прописи и поради што не им било дозволено да остварат влез во државата со возилото“, посочуваат од Министерството.

Во рамки на проверките, извршен бил и детален увид во видео надзорот на граничниот премин и боди камерите на полициските службеници, при што било утврдено дека странските државјани во ниту еден момент не влегуваат во некој од објектите на преминот.

Исто така, од МВР додаваат дека од анализата на содржината на видео материјалот не се констатирани околности што укажуваат на противправно постапување или друго незаконско однесување од полициските службеници кои постапувале на граничниот премин.