Министерството за внатрешни работи нашло техничко решение за мотоциклистите кои камерите на „Безбеден град“ не можеле автоматски да ги идентификуваат. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција соопшти дека новата опрема веќе открила околу 9 прекршоци за брзо возење за еден ден.

Проблемот произлегувал од начинот на кој работат камерите. Системот ја снима предната страна на возилото, додека регистарската табличка кај мотоциклите е одзади.

МВР затоа поставило соодветна опрема на локации каде што имало најдобри технички услови. Според Тошковски, првите резултати покажале дека решението функционира.

– Го решивме и на дел од територијата на Македонија каде што првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставивме и мислам дека, ако не се лажам, првиот ден имаме констатирано некаде околу 9 прекршоци за недозволена брзина – рече Тошковски.

Министерот посочи дека претходно биле надминати и други проблеми со „Безбеден град“. Меѓу нив биле поставеноста на камерите на одредени критични точки и идентификацијата на странските возила.

Тошковски рече дека системот веќе ги опфаќа и странските возачи. Сепак, МВР треба да го прошири начинот на санкционирање и на другите гранични премини.

Тој го наведе Табановце како пример за проблем што не сакаат да се повтори. Првичната проценка била дека таму ќе се обработуваат околу 5 возила на час.

Реалноста била сосема поинаква.

– Имавме проценка дека ќе има по 5 возила на час, а имавме по 500 возила на час – рече Тошковски.

МВР сега бара техничко решение за другите премини. Целта, според министерот, е странските возачи да ги регулираат обврските без дополнително задржување.

Тошковски изнесе и бројки за жртвите во сообраќајот. Според него, до 1 септември 2025 година загинале 96 лица. Во истиот период годинава имало 60 жртви.

Тоа е за 36 загинати помалку во споредба со истиот период минатата година.

Министерот намалувањето го поврза со примената на системот „Безбеден град“ и со почитувањето на сообраќајните правила. Тој рече дека примарната цел на системот е неселективно постапување, намалување на човечкиот фактор и спасување животи.