МВР со засилени сообраќајни контроли во Скопје
Засилени сообраќајни контроли, голем број прекршоци евидентирани во четиридневната акција. Во изминатите четири дена, полицијата во Скопје спроведува засилени контроли во сообраќајот, а резултатите покажуваат значителен број санкции. На 7 февруари 2025 година, полициските службеници на СВР Скопје санкционирале вкупно 570 возачи, од кои 150 биле казнети за брзо возење, што претставува една од најчестите причини за сообраќајни незгоди.
Санкции за повеќе видови прекршоци
Освен за надминување на дозволената брзина, контролните активности резултирале и со повеќе други санкции.
“Во текот на акцијата, 22 возачи беа фатени како управуваат возило без возачка дозвола. Исто така, евидентирани се четири случаи во кои возачите управувале возила иако имале активна мерка забрана за возење”, изјавија од Министерството за внатрешни работи.
Поголем дел од останатите санкции се однесуваат на неправилно или недозволено паркирање, што продолжува да биде значаен проблем во урбаниот сообраќај во Скопје.
“Дополнително, регистриран е еден случај на управување под дејство на алкохол, како и еден возач кој управувал возило со истечена регистрација”, додадоа од полицијата.
Контролите продолжуваат – апел за поголема безбедност
Засилените сообраќајни контроли според планот ќе продолжат и во наредните денови, со цел да се зголеми безбедноста на улиците.
“Нашата цел е да ја намалиме стапката на сообраќајни незгоди и да ги санкционираме несовесните учесници во сообраќајот. Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување на патиштата можеме да придонесеме за побезбедно движење за сите” , потенцираа од Министерството за внатрешни работи.
За засилените сообраќајни контроли реагираат и граѓаните. Ваквите контроли следуваат по случајот каде беше прегазена младата Фросина Кулакова.
(ФОТОГАЛЕРИЈА) Граѓаните излегоа на протест за Фросина Кулакова – Радио Лидер на терен
За потсетување, граѓаните во голем број излегоа и побараа правда за Фросина Кулакова. Преку транспаренти со пораки како „Не е несреќа, туку убиство”, „Не е Партизанска проклета – проклети сте вие”, „Обвинителите се соучесници убијци” граѓаните побараа максимална казна за убиецот Васил Јованов.