Македонски и косовски државјанин се лишени од слобода денеска во Солун во рамки на меѓународна координирана истрага против организирана криминална група. При контрола на товарно моторно возило, во приколката биле пронајдени и запленети 324 килограми марихуана, скриени во осум палети со хартија.
Акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи преку Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и со надлежните служби од Косово и Грција за борба против недозволената трговија со дрога.
Апсењата во Солун се резултат на повеќемесечна координирана истрага меѓу надлежните институции од трите земји.
Во рамки на акцијата, Одделот за криминалистичка полиција, заедно со повеќе сектори за внатрешни работи, врши претреси на повеќе локации во Македонија. Целта е да се откријат евентуално инволвираните други лица, како и да се обезбедат дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело.
Истрагата продолжува во координација со надлежните служби од Македонија, Косово и Грција.
