Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Министерството за здравство информира дека ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита.

При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска.

Ковид центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.

Апелираме да не се шпекулира со ваквите информации. Министерството за здравсто очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот.