Од 1 јули ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, што значи дека на граѓаните, но и деловните субјекти од регионот ќе им остануваат повеќе пари во буџетот, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ на 1 јули ќе почнат со имплементација на договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година, со кој граѓаните добија поевтин роаминг за телефонските разговори, СМС пораки и користењето интернет.
Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена за 80 проценти, додека втората фаза, односно целосно укинување на роамингот е најавена за 1 јули годинава. Европската унија побара укинување на роамингот во телекомуникациските тарифи за земјите од Западен Балкан, како форма на олеснување на комуникацијата на граѓаните.
– Граѓаните ќе имаат малку повеќе пари во џебот, оние што би се потрошиле доколку ги платат тие сметки во регионот поради тарифите за роаминг. Второ, мислам дека е важно да се нагласи дека не само што се зголеми бројот на луѓе кои користат Интернет, туку за време на пандемија сфативме дека се зголеми времето кое луѓето го поминуваат на Интернет, што исто така дава одредена тежина, рече Брегу за Радио Слободна Европа.
Забележано е дека младите во регионот сметаат дека олеснувањето на роамингот е корисно како и слободата на движење, поради што, како што рече, тоа ќе биде одлична порака и за нив.
Со оглед на тоа што пандемијата влијаеше на економскиот развој на земјите, Советот за регионална соработка проценува дека подобрата соработка меѓу нив може да доведе и до значителни заштеди.