На претседателска функција стапи на функција на 73 години, а зад себе имаше 50 години поминати во Белград на најодговорни функции во поранешната СФРЈ. Глигоров имаше значајна улога во формирање на независна и самостојна Македонија, и ќе остане запамтен што одвојувањето од поранешна Југославија, успеа да го изведе без војна.
Дипломирал право на белградскиот Правен факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на Иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ.
Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија. По независноста на Македонија, Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандата, до ноември 1999 година.
На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“. По повлекувањето од активниот политички живот, претседателот Глигоров беше активен преку Фондацијата која го носи неговото име.
Беше автор и на повеќе книги, меѓу кои се издвојува „Македонија е сè што имаме“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“. Почина во Скопје на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст.