Десетина дена молк и игнорантски однос на надлежните институции кон решавање на проблемот и можност да бидат ислушани нашите барања, реагираат синдикалните организации на вработени во Министерството за култура, Управата за заштита на културно наследство и Агенцијата за филм на денешниот протест пред Влада. На денешниот протест им се приклучија и претставници на синдикални организации од повеќе министерства. Ниту Фатмир Бесими, ниту кој било друг од владата досега не најде време за нив.

„Во поширок контекст, овој однос ја манифестира негрижата за културата која треба да биде една од темелните вредности во општеството. Очигледно е дека Владата на нас гледа нумерички, аморфна бројка на вработени, без која се може. Очигледно е дека за Владата и без култура се може. Се може и без интеграција на културата во европските вредности, без заштита на културното наследство, без филмска продукција…едно ќе порачаме, идентитетот на државата е културата, а лицето на Владата е администрацијата“, изјави Бранко Костовски, претседател на Синдикалната организација при Министерството за култура.

„Тука со нас се и Државен завод за статистика, Министерство за животна средина, Министерство за земјоделие, Министерство за транспорт и врски. Треба да се знае дека овие вработени позади нас се оние вработени кои ќе ги водат пред пристапните преговори кон ЕУ, ова се работниците кои водат управни постапки, овие се работниците кои ги потпишуваат законите и на крај овие се работниците кои ќе ги водат кои ќе ги водат сите документи, сите постапки за она каде што се сега цела влада за почеток на градење на коридорот. Доколку ги нема овие вработени тука, ниту ќе почне да се гради, ниту ќе почне нешто да се инвестира во државата“, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.