Лидерот на италијанската Лига, Матео Салвини најави дека денеска во Будимпешта ќе се состане со лидерите на Унгарија и Полска за да се обиде да ги зајакне врските меѓу екстремно десните партии во Европа. Кабинетот на Салвини прецизира дека лидерот на Лигата ќе се состане со премиерите на Унгарија и Полска, Виктор Орбан и Матеуш Моравиецки, за да создаде „заедничка повелба за вредностите, слободата, правата, принципите и идните цели“.

Тие се очекува да потпишат заедничка декларација и исто така да разговараат за соработката во областите на миграцијата, здравството, образованието, надворешната политика и семејните вредности. Досега пропаднаа претходните обиди за зајакнување на врските меѓу екстремно десничарските, евроскептичните и националистичките партии од земјите на Европската унија.

Од многумина се шпекулира, дека ова претставува само дел од окрупнувањето на десницата во Европа, која доколку се обедини би можела да предизвика сериозен удар на актуелното раководство на Европската Унија.