Српскиот премиер Ѓуро Мацут не добил дозвола со авион да прелета над територијата на Босна и Херцеговина на пат кон Бања Лука. Одлуката предизвика остра реакција од лидерот на босанските Срби Милорад Додик, додека министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, тврди дека причината е процедурална.

Според објаснувањето на Конаковиќ, барањето за прелет не било доставено во пропишаниот рок од 72 часа пред планираниот лет.

„Процедурите се познати и тие добро ги знаат. Тие добро знаат дека рокот за испраќање барање е 72 часа однапред, а тоа не го почитуваа“, напиша Конаковиќ на социјалната мрежа „Икс“.

Тој случајот го претстави и како прашање поврзано со односот на Србија кон институциите на Босна и Херцеговина.

„Кога ќе почнат да ја почитуваат државата и институциите, тогаш и ние ќе ги почитуваме“, порача Конаковиќ.

Додик, пак, изнесе поинакво толкување на одлуката. Тој забраната за прелет ја нарече „политичко лудило и изливи на омраза“ и тврдеше дека за неа не постои уставна основа.

Според Додик, со ваквата одлука се исклучува еден од конститутивните народи во Босна и Херцеговина. Тој порача дека спорот нема да го спречи одбележувањето на Денот на српското единство, слободата и националното знаме.

Ниту недобиената дозвола за прелет нема да го спречи српскиот премиер да пристигне во Бања Лука.

„Ако не можам да одам со авион, ќе одам со автомобил“, изјави Мацут.

Во Бања Лука тој треба да се сретне со премиерот на Република Српска, Саво Миниќ, а на средбата е најавено присуство и на членови на двете влади. Предвидено е Мацут да се обрати и на свечената церемонија.

Србија и Република Српска заеднички го одбележуваат Денот на српското единство, слободата и националното знаме од 2020 година. Празникот се одбележува на 15 септември, во спомен на пробивот на Солунскиот фронт во 1918 година.