Во Италија се регистрирани повеќе од 130 случаи на зараза со салмонела, за кои постои сомневање дека се поврзани со контаминирани чери-домати дистрибуирани и во Хрватска и Словенија, поради што италијанското обвинителство отвори истрага.

Според предупредувањето на Европскиот систем за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF), класифицирано како сериозен ризик, во доматите биле откриени серотипови на бактериите Salmonella Typhimurium и Salmonella Strathcona, па италијанските власти почнаа со повлекување на контаминираниот производ од пазарот, објави хрватскиот портал „Индекс“.

Според податоците од известувањето на RASFF, примерокот од доматите бил земен на 15 септември, а лабораториската анализа покажала присуство на бактеријата Salmonella Typhimurium. Станува збор за домати дистрибуирани во рефус, во транспортни гајби.

Засега не е потврдено во кои хрватски продавници или дистрибутивни центри пристигнале спорните пратки, ниту е познато дали доматите биле продадени на крајните потрошувачи. Не се објавени ниту ознаките на сериите, со кои купувачите би можеле сигурно да ги препознаат контаминираните производи. Исто така, нема потврда дека во Хрватска се регистрирани нови случаи на салмонелоза поврзани со оваа пратка.

Во италијанската покраина Бреша во текот на септември бил регистриран голем број случаи на гастроинтестинални инфекции кај деца и возрасни. Италијанската јавна телевизија РАИ на 19 септември објави дека во областа Вал Тромпија биле регистрирани 117 лица со симптоми поврзани со избувнувањето на заразата. Меѓу заболените имало и мали деца, а 13 од нив во тој момент биле хоспитализирани. Анализите спроведени кај заболените ја потврдиле салмонелата.

Според весникот „Кориере дела Сера“ од 9 октомври, обвинителството во Бреша отворило истрага против засега непознати лица под сомнение за предизвикување телесни повреди од небрежност. Истражителите го проверуваат синџирот на снабдување со чери-домати испорачани од Сицилија, а особено пратките што ги пакувала компанија од градот Гела.

Компанијата „Маркас“, задолжена за подготовка на училишни оброци, потврдила дека лабораториската анализа открила салмонела во една серија домати употребени во исхраната на децата. Околу 15 семејства поднеле пријави, а истражителите се обидуваат да утврдат како дошло до контаминацијата и кој би можел да биде одговорен.

Поради сомневањата за поврзаност на доматите со заразите, властите во италијанската област Пуља на почетокот на октомври вовеле превентивни мерки. Од 2 октомври привремено било прекинато послужувањето свежи, термички необработени домати во градинките и основните училишта. Слична препорака била упатена до болниците, домовите за стари лица и другите установи што се грижат за особено ранливи групи од населението.

РАИ наведува дека италијанските здравствени власти ги истражуваат случаите поврзани со бактериите Salmonella Strathcona и монофазната варијанта на Salmonella Typhimurium. Заразите биле пријавени во повеќе италијански региони, меѓу кои Ломбардија, Пуља, Лацио и Фриули-Венеција Џулија.

Истражителите ја разгледуваат можноста доматите да биле контаминирани уште за време на одгледувањето, а не дури при транспортот или подготовката на храната. Ова сомневање се заснова и на претходни европски истраги. Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ECDC) и Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) во октомври 2025 година објавија извештај за повеќегодишното ширење на бактеријата Salmonella Strathcona, поврзано со консумирањето домати.

Примероците од водата за наводнување, земени во областа на еден производител на домати на Сицилија, тогаш биле позитивни на оваа бактерија. Со тоа било потврдено дека животната средина, вклучително и водата за наводнување, може да биде извор на контаминација. Сепак, не е потврдено дека токму таквата вода е причина за најновото избувнување на заразата.

Според извештајот на ECDC и EFSA од октомври 2025 година, од 2023 до 30 септември 2025 година во 17 европски земји биле потврдени 437 случаи на зараза со Salmonella Strathcona, поврзани со меѓународното ширење на болеста. Меѓу нив имало и три случаи во Хрватска. Европските здравствени институции тогаш утврдиле дека малите домати одгледувани на Сицилија биле извор на одредени избувнувања на заразата во Австрија и Италија. Овие податоци се однесуваат на претходните години и не претставуваат потврда за зараза во Хрватска во рамките на најновиот случај од октомври 2026 година.

Салмонелозата е бактериска инфекција што најчесто го зафаќа дигестивниот систем. Најчести симптоми се дијареја, покачена телесна температура, болки и грчеви во стомакот, гадење и повраќање. Симптомите најчесто се појавуваат од шест часа до шест дена по заразувањето.Кај повеќето здрави лица болеста поминува без посебен третман, но може да предизвика посериозни компликации кај малите деца, постарите лица и лицата со ослабен имунитет. Во потешките случаи може да дојде до дехидратација или ширење на бактеријата во крвотокот, поради што е потребно болничко лекување.

Извор: Курир