Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната собраниска надзорна расправа за Алта банка порача дека основна цел мора да биде детално утврдување на институционалните одговорности. Тој посебно ја нагласи потребата од почитување на уставно загарантираната улога и самостојност на Народната банка.

Обраќајќи ѝ се на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, пратеникот побара институционалните прашања да се разгледуваат строго низ призмата на законските одредби и уставниот поредок.

„Пред македонската јавност да разјасниме суштински прашања од уставен правен и институционален аспект. Сметам дека една од основните цели на оваа надзорна расправа треба да биде прецизното разграничување на надлежностите и одговорностите на секоја институција во државата. Вие покрај тоа што сте претседателка на Републиката сте и долгогодишен професор по уставно право и поранешен пратеник во ова Собрание“, рече Мицевски.

Мицевски побара претседателката детално да ги образложи сопствените надлежности во однос на темата што се разгледува, со посебен фокус врз случајот со банката, потсетувајќи на уставните и законските граници на банкарскиот систем.

Тој притоа конкретно ги посочи одредбите од членот 60 од Уставот со кои се гарантира самостојноста на централната банка, како и членот 5 од Законот за Народната банка со кој правно се утврдува нејзината независност.

„Која е вашата конкретна надлежност согласно Уставот и законите во однос на темата за која што денес ја одржуваме оваа надзорна расправа имајќи предвид дека членот 60 од Уставот ја гарантира самостојноста на Народна банка, а членот 5 од Законот за Народна банка ја гарантира нејзината независност. Дали претседателот на Републиката има какви било законски надлежности во постапката за издавање на банкарски дозволи, давање согласност за стекнување на квалификувано учество во банка, вршење на банкарска супервизија или воведување на привремена администрација. Дали во конкретниот случај со Алта банка вие или вашиот кабинет сте биле вклучени во која било од овие постапки“, праша Мицевски.