На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжи надзорната расправа посветена на причините за воведување администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка, како и институционалната одговорност во целиот процес. Пратеникот Тони Јаревски упати серија конкретни прашања до директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки при Народната банка, Фросина Целеска.

„Можете ли прецизно да ни ја објасните законската процедура за издавање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во банка, кои институции учествуваат во проверките и она што е можеби најважно, дали Владата или Министерството за финансии имаат каква било законска надлежност да одобрат или да спречат вакво преземање?“, праша Јаревски.

Пратеникот се осврна на наводите изнесени од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој на претходната расправа посочи дека биле спроведени вкупно четири нивоа на регулаторни проверки. Јаревски побара од Целеска прецизно објаснување кои конкретни документи биле прибавени од домашните и меѓународните институции, дали во процесот пристигнале негативни мислења или предупредувања и на каков начин биле вреднувани претходно изречените санкции од страна на австрискиот финансиски регулатор.

Дополнителен фокус во обраќањето на пратеникот беше ставен врз регулаторната компарација помеѓу тековниот случај и претходните кризни состојби во банкарскиот сектор, како и роковите за доставување на извештаите од страна на привремените администратори.

„Од стручен и регулаторен аспект, кои се суштинските разлики помеѓу причините за одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка во 2020 година и причините за воведувањето привремена администрација во АЛТА банка во 2026-та година? Дали во двата случаи станува збор за исти финансиски и правни околности?“, запраша Јаревски.

„Бидејќи со решението за воведување администрација, администраторите добија рок од 21 ден да ја утврдат состојбата во банката и понатаму да достават извештај. Дали извештајот е доставен, какви се неговите наоди во однос на капиталот, ликвидноста, изложеноста кон поврзани лица и евентуалниот одлив на средства и кога може да се очекува целосно нормализирање на работењето?“, додаде Јаревски.