Дрогите се почесто застапени кај помладата популација, со највисока застапеност кај возрасната група 15-24 години, покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје за употребата на психоактивни супстанци помеѓу општата популација.

Марихуаната за прв пат најчесто се зема на возраст од 16-17 години (2,8%), на возраст од 18-19 години (2,9%%) и на возраст 14-15 години (1,4%).

Канабисот бил користен од 8,2% лица на возраст од 15-64 години, екстази од 1,6%, амфетамин и хероин 1,1%. Кокаинот е повеќе присутен кај возрасната група од 15-34 години (2,5%) во споредба со возрасната група 15-64 години (1,3%).

Генерално, постојат разлики во однос на употребата на илегални дроги меѓу половите. 10,3% мажи и 6,7% жени користеле некаква дрога во текот на животот.

Канабис користеле 9,9% мажи и 5,6% жени, екстази 1,7% мажи и 1,4% жени, кокаин 1,7% мажи и 0,7% жени, хероин 1,6% мажи и 0,4% жени. Во однос на половата дистрибуција, дрогите се повеќе присутни кај машката популација во споредба со женската.

Главна цел на научно истражувачкиот проект, велат од Институтот за јавно здравје бил да се добијат податоци за употребата на психоактивни супстанци помеѓу општата популација (на возраст од 15-64 години кои живеат во приватни домаќинства), со посебен фокус на подгрупата млади урбани луѓе (15-34).

Бројот на лекувани болни, зависници од дрога постојано се зголемува во дадениот период од 2013 -2019г,т.е од 1014 лекувани болни во 2013г. на 2187 во 2019г. Во 2020г.се забележува пад на бројот на лекувани болни, но тоа е заради новонастаната состојба на пандемија со ковид-19. Стапката на морбидитет на 10000 жители затоа и се намалила, од 10,5%о во 2019 на 7.1%о во 2020 година.

Структурата според пол покажува значајна разлика во зачестеност на појавата на зависници од дрога кај лекуваните од машкиот во однос на женскиот пол, во двете анализирани години (89,8% се мажи, а 10,2% се жени во 2019г. и 89,9% се мажи, а 10,1% се жени во 2020 година).

Анализата според возрасни групи покажува дека најголем број лекувани болни, зависници од дрога и во болниците и во центрите, се регистрирани во возрасната група од 20-34г. Според тип на најупотребувана дрога е хероинот, и тоа со над 99% застапеност од вкупно третираните во однос на канабисот, во двете анализирани години.

Од Институтот за јавно здравје констатираат дека треба да се зајакне контролата на употреба на дроги со вклучување на лекарите, наставниците, психолозите и родителите и да се работи на превенција особено кај училишните деца и младина.

Пристапот на лекување и превенција е пософистициран во последните години, со пошироко прифаќање на лекувањето, со замени за дрогата за лица кои се зависници од дрога. Доказите покажуваат дека општествата кои можат да си дозволат пошироки мрежи на служби за корисниците на дроги, можат да го намалат ризичното однесување кое директно го оштетува здравјето, како и да ја ограничат антисоцијалната и криминалната активност меѓу корисниците на дрога, информираат од Одделот за здравствена промоција и следење на болести.