Екстремните температури што ја зафатија Франција во втората половина на јуни и почетокот на јули се поврзуваат со значителен пораст на бројот на починати лица. Новите податоци на француската Агенција за јавно здравје покажуваат дека во периодот од 17 јуни до 2 јули биле евидентирани 5.764 дополнителни смртни случаи, иако засега не може со сигурност да се утврди колкав дел од нив директно се должи на високите температури.

Според привремените анализи, станува збор за највисока прекумерна смртност во Франција по разорниот топлотен бран од 2003 година.

Надлежните институции најавија дека податоците сè уште се обработуваат и дека конечните бројки ќе бидат потврдени по дополнителни проверки во следните месеци.

Француската Агенција за јавно здравје соопшти дека зголемен број смртни случаи е забележан кај сите возрасни групи над 15 години. Особено изразен пораст е регистриран кај лицата постари од 45 години, што од Агенцијата го оценија како тренд „без преседан“.

Во новата статистика се вклучени и смртните случаи пријавени преку хартиени потврди, кои не беа дел од претходните проценки. Станува збор особено за случаи кога лицата биле пронајдени починати во своите домови.

Министерката за здравство Стефани Рист на 3 јули информираше дека во периодот од 22 до 28 јуни биле регистрирани најмалку 2.025 дополнителни смртни случаи. Таа тогаш предупреди дека бројката не е конечна, бидејќи сè уште не биле пристигнати сите податоци.

Во првичната проценка биле земени предвид само електронските потврди за смрт, поради што последните податоци вклучуваат поширок опфат на случаи.