„Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска е македонски кандидат за Оскар за долгометражен интернационален филм.
Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Бранко Петровски – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Куштрим Бектеши – режисер, Милка Анчевска – кастинг директор, Милан Тоциновски – монтажер, Сандра Чевреска – сценограф и Валдета Исмаили – актерка. Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.
Членовите на Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм”, според Статутот на Друштвото на филмските работници на Македонија ги избира претседателот на друштвото, Игор Иванов, а изборот на членови го одобрува Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука (Academy of Motion Picture Arts and Sciences – AMPAS).
Во Комисијата е дозволено да членуваат филмски професионалци кои се активно вклучени во производство на филмови како што се: режисери, актери, монтажери, филмски композитори, сценографи и други филмски работници. Според AMPAS, членови на Комисијата не можат да бидат професионалци кои немаат директно учество во производството на филм, како што се филмски критичари и други професионалци.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од самото осамостојување на Република Македонија, кога од Американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.
95-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 12-ти март 2023 година, во Dolby Theatre, Лос Анџелес, се наведува во соопштението.