Две лица се убиени во напад со нож во приватно училиште во близина на Берлин. Меѓу жртвите е 18-годишна ученичка, а животот го загубил и 30-годишен маж кој се обидел да ѝ помогне.

Нападот се случил во четвртокот во градот Гозен-Ној Цитау, на границата меѓу Берлин и сојузната покраина Бранденбург, соопшти германската полиција.

Напаѓачот бил уапсен веднаш по нападот. Според наводите, станува збор за 19-годишен поранешен партнер на убиената девојка. Засега нема информации за други повредени лица.

Локалните медиуми објавуваат дека националноста на осомничениот не е позната, како и дека нема информации дали тој бил ученик во училиштето каде што се случил нападот.

Случајот доаѓа нешто повеќе од еден месец откако 16-годишник од хрватско потекло во Баварија со нож нападна и сериозно повреди две девојчиња во неговото училиште.

Во Германија во 2025 година биле регистрирани речиси 30.000 напади со нож, од кои речиси 1.000 биле смртоносни.