Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за воведување администрација во Алта банка АД Битола, со цел заштита на имотот на банката. За таа цел се назначени тројца администратори, а мерката е привремена и ќе трае најмногу три месеци.
Од Народната банка објаснуваат дека одлуката е донесена поради одземањето на дозволата за работа и поведувањето стечајна постапка против акционерот со квалификувано учество, Алта банка АД Белград. Сепак, гувернерот Трајко Славески нагласи дека Алта банка Битола ги исполнува сите супервизорски стандарди, дека има висока капитализираност, ликвидност и солиден квалитет на кредитното портфолио.
„Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на Банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка. Со цел заштита на имотот на Банката во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања на клиентите на Банката. Определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ на 10.000 денари кој може да се користи со картичките издадени од Банката. Сите интерни плаќања во рамки на Банката за физички и за правни лица остануваат во неограничен износ“, рече Славески на вонредната прес-конференција.
Тоа значи дека физичките лица ќе можат да користат до 10.000 денари неделно од своите сметки преку картичките издадени од банката. Од друга страна, интерните плаќања меѓу сметки во банката остануваат без ограничување, како за физичките, така и за правните лица.
Гувернерот упати апел до граѓаните кои имаат кредити во банката навремено да продолжат со нивното отплаќање. Истовремено, ги повика да не шират изјави што можат да предизвикаат непотребна загриженост.
„Народна банка апелира граѓаните да се воздржат од изјави што можат да создадат непотребна загриженост кај граѓаните. Секое хушкање на граѓаните е штетно по довербата на банкарскиот систем и директно ги погодува штедачите“, рече Славески.
Тој соопшти дека претходниот ден од банката биле подигнати околу два милиони евра во готовина. Притоа, нагласи дека максималниот рок на воведените мерки е три месеци.
Славески информираше и дека постојат повеќе заинтересирани купувачи за акциите на банката. Алта банка од Белград има рок да ги продаде акциите што ги поседува во банката во Македонија.
Народната банка ги назначи тројцата администратори кои привремено ќе управуваат со имотот на Алта банка Битола, во рамките на мерките за заштита на нејзината имотна состојба.
