Данска очекува засиленото воено присуство на НАТО на Гренланд и во поширокиот арктички регион да биде задржано на долг рок. Копенхаген се надева дека мисијата „Arctic Sentry“ ќе стане трајна и ќе продолжи и по следната година, изјави данскиот министер за одбрана Јепе Брус.
Неговата изјава доаѓа една седмица по потпишувањето на безбедносниот договор меѓу САД, Данска и Гренланд, со кој се предвидува отворање две нови американски бази на островот и поголем ангажман на НАТО во регионот.
Алијансата претходно годинава ја започна мисијата „Arctic Sentry“, чија цел е интензивирање на воените вежби и патролите во арктичкото подрачје. Мисијата беше покрената во период на зголемени тензии во НАТО, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја изрази својата желба САД да го купат Гренланд.
Брус во Брисел изјави дека Данска се надева оти „Arctic Sentry“ ќе прерасне во трајна мисија и дека операциите ќе продолжат и по следната година. Одговарајќи на прашањето дали има јасни сигнали дека и другите членки на НАТО се заинтересирани за таков план, тој рече дека засега постои уверување оти засиленото воено присуство на Гренланд и на Арктикот ќе биде задржано.
Безбедносниот договор беше потпишан минатата седмица во Обединетите нации од Трамп и претставници на Данска и Гренланд. Со него е предвидено отворање две нови американски воени бази на Гренланд, покрај веќе постојната база, како и зголемување на ангажманот на НАТО.
Според Брус, улогата на Алијансата во арктичкиот регион ќе добива сè поголемо значење поради топењето на мразот, кое овозможува отворање нови пловни правци.
Како дополнителна причина за засилено присуство на НАТО на крајниот север, данскиот министер го посочи и зголемениот интерес на Русија и Кина за Арктикот.
