Министрите за надворешни работи на НАТО ќе одржат итна видео-конференција денеска на која ќе разговараат за барањата на Русија по однос на европската безбедност и ќе се обидат даусогласат заеднички став за преговорите со Русија на самитот НАТО-Русија на 12 јануари.

„Вонреден состанок на министрите за надворешни работи на НАТО ќе се одржи во виртуелен формат в петок (7 јануари). Министрите ќе разговараат за концентрацијата на руските воени сили околу Украина и за пошироките европски безбедносни прашања“, се вели во кусото соопштение од седиштето на НАТО.

Северноатлантската алијанса соопшти дека главна тема на видео конференцијата ќе биде ситуацијата во Украина и обвинувањата дека Русија распоредува војници во близина на границите на земјата.

Министерскиот состанок беше официјално најавен од НАТО дури на 4 јануари, неколку дена откако претседателите на САД и Русија се договорија за време на телефонскиот разговор ноќта меѓу 30 и 31 декември да почнат разговори за европската безбедност, кои ќе започнат на 10 јануари.

Министерскиот состанок беше најавен истиот ден кога НАТО официјално го објави својот прв состанок на Советот НАТО-Русија по две и пол години во Брисел за 12 јануари.