Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска го промовира зборникот со трудови „Траумата во литературата“. На настанот се претставени и резултатите од истоимениот научноистражувачки проект, поддржан од Министерството за образование и наука на РС Македонија.

Промоцијата се одржува во конференциската сала на Институтот за македонска литература во Скопје. На неа се презентираат финалните резултати што произлегоа од научните трудови од Меѓународната конференција „Траумата во литературата“, која претходно се одржа на 13 и 14 мај во „Јуроп хаус“ – Скопје. Покрај главната уредничка на зборникот, проф. д-р Ана Мартиноска, на промоцијата се обраќаат и проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература во Скопје, проф. д-р Тихомир Д. Брајовиќ од Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград и проф. д-р Никица Гилиќ од Филозофскиот факултет и Академијата за драмска уметност при Универзитетот во Загреб.

Оваа година, кога Институтот за македонска литература одбележува 45 години постоење, вкупно 28 истражувачи од земјава и странство имаа можност заедно да работат на научно-истражувачкиот проект под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфатија широк спектар на теми, вклучително миграции, егзил, воени конфликти, природни катастрофи, климатски промени, транзициски процеси, насилство, телесни тортури, ментални нарушувања, трансгенерациски трауми и табуа.

Зборникот на трудови „Траумата во литературата“, како финален резултат од научноистражувачкиот проект, нуди толкувања на репрезентацијата на личната, колективната и културната траума во различни развојни етапи на македонската книжевност, почнувајќи од средниот век, преку народната литература и XIX век, сѐ до современата книжевна продукција. Проектот како целина оформува дијахрониски преглед на генезата и еволуцијата на книжевните студии за траумата во домашната средина, но и укажува на нејзината актуелна релевантност во рамките на современите теориски, компаративни и интердисциплинарни пристапи.