Како што се наведува во текстот, научниците веруваат дека станува збор за сличен проблем како со лекот „хепарин“ кој служи за разредување на крвта. Експертите објаснуваат дека овој лек го активира имунолошкиот систем за да произведува антитела кои ги активираат тромбоцити, кои, пак, предизвикуваат згрутчување на крвта кај пациентот.

Но, лекот „хепарин“ не е единствениот кој го има ова својство. Научниците посочуваат дека има и други лекови кои предизвикуваат згрутчување на крвта, а како што велат, можно е и вакцината на „АстраЗенека“ да биде таков активатор.

Кај четири претходно здрави лица кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“ се развиле потенцијално смртоносни згрутчувања, а имале ист вид антитела кои активираат тромбоцити и предизвикуваат формирање грутки во тромбоцитопенија предизвикана од хепаринот, напишале германските, австриските и канадските научници во студијата објавена во понеделникот на „Research Square“.

Трудот не ја поминал научната рецензија. Дваесет вакцинирани лица кои не развиле згрутчувања немале такви антитела. Во коментарот објавен заедно со студијата се напоменува дека тромбоцитопенијата предизвикана од лекови може да се лекува ако точно се дијагностицира.

Милиони луѓе ја примија вакцината без никакви проблеми, а европските регулатори и Светската здравствена организација објавија дека придобивките од „АстраЗенека“ ги надминуваат ризиците.

И во Македонија е регистриран првиот случај на згрутчување на крвта кај пациент кој неодамна се вакцинирал со „АстраЗенека“. Станува збор за 28-годишна девојка која е во болница.