Претседателката Гордана Силјановска Давкова на маргините на Самитот на НАТО во Анкара имала кратка средба со Румен Радев и подолг разговор со унгарскиот премиер Петер Маѓар. Таа рече дека од разговорите добила охрабрувачки пораки за Македонија и за Западен Балкан.

Средбите се случиле за време на приемот организиран од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во рамки на Самитот на НАТО што се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.

Силјановска Давкова изјави дека со Радев имала куса средба, во присуство на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Според неа, Радев ѝ рекол дека не се само соседи, туку дека таа му е пријателка.

„Со господинот Радев имав куса средба синоќа, се разбира, во присуство на господинот Кошта. Тој рече дека не сме само соседи, туку дека сум му јас пријателка, се разбира дека тоа е инспиративно и охрабрувачко“, изјави Силјановска Давкова.

Претседателката додаде дека овојпат немала подолг разговор со Радев, но затоа подолго разговарала со унгарскиот премиер Петер Маѓар. Како што рече, ја интересирало како Маѓар гледа на политиката под негово водство и дали ќе има промени.

Според Силјановска Давкова, Маѓар ѝ кажал дека уште позасилено ќе застане зад Западен Балкан и дека целосно ја поддржува Македонија. Тој, како што пренесе претседателката, оценил дека членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е неминовно доколку се сака стабилност и мир во регионот.

„Ова што го изјави е дека уште позасилено ќе застане зад Западниот Балкан, дека целосно нè поддржува и дека неминовно е, за да има стабилност и мир на Балканот, земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија“, рече Силјановска Давкова.

Таа додаде дека Маѓар најавил и намера да тргне во турнеја по земјите од Западен Балкан, што го оцени како одговорен и посветен пристап.

„Дури рече дека има намера да тргне во турнеја по земјите од Западен Балкан, што е навистина одговорно и посветено“, изјави претседателката.

Силјановска Давкова ја предводеше македонската делегација на Самитот на НАТО во Анкара. Во делегацијата беа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и генерал-мајор Сашко Лафчиски.