Жичницата на Водно затворена поради технички проблеми
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека жичницата на Водно нема да функционира во текот на целата летна сезона поради утврдени сериозни технички недостатоци. По вонреден увид било констатирано дека објектот не бил целосно сервисиран од австрискиот производител Допелмаер во изминатите 15 години.
Недостатоци откриени при вонредниот увид
Според Ѓорѓиевски, по негово барање во Скопје пристигнале претставници од компанијата, при што било утврдено дека не е извршен целосен сервис. Иако претходно биле побарани понуди, договор никогаш не бил склучен. Увидот покажал дека делови од опремата се оштетени, што доведувало до триење на гондолите, а неколку сензори не биле во функција. Поради ваквите состојби постоел ризик од сериозни дефекти, вклучително и можност за откачување на гондола.
Се чека понуда за санација, неизвесен рок
Иако жичницата првично беше затворена на 25 април за краток период, по извршените проверки градските власти донеле одлука таа да остане надвор од употреба. Од ЈСП Скопје очекуваат понуда од австриската компанија за целосна санација, по што ќе се знае и временската рамка за поправките. Градоначалникот нагласи дека е извесно оти жичницата нема да биде пуштена во употреба ова лето.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година, а нејзината изградба изнесуваше 6,7 милиони евра.
