Контроверзниот охридски бизнисмен, општински советник и претседател на огранокот на ДУИ во градот, Нефи Усеини, е прогласен за виновен за претепувањето на поранешниот советник во Општина Охрид Џемал Мена, но добил казна под законски предвидениот минимум за тоа кривично дело, објави „А1он“.

За делото за кое се гонеше Усеини е предвидена казна од три месеци до три години, но охридскиот суд му изрекол само парична казна. Предметот сега оди во Апелација-Битола по жалба на пресудата, велат за порталот од судот, според чие ново правило, пресудата нема да биде јавна ако не ја потврди Апелацискиот суд во Битола. Со ваквиот чекор, ќе остане „тајна“ кои биле олеснителните околности поради кои е изречена казна под законскиот минимум.

„Обвинетиот е огласен за виновен и му е изречена парична казна. Против пресудата ОЈО Охрид изјави жалба до Апелациониот суд Битола и тоа по два основи: за висината на кривичната санкција и поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка“, велат од ОЈО-Охрид, за „А1он“.

Делото за кое се гонеше Нефи Усеини во овој случај е спречување службено лице во вршење службено дејство, кое е извршено со малтретирање на службено лице со телесни повреди: „Ако при извршувањето на делото од став 1 сторителот го навредил или малтретирал службеното лице или му задал телесни повреди или му се заканува со употреба на оружје, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, пишува во Кривичниот законик.

Во конкретниот случај, обвинителот сметаше и докажа пред судот дека со употреба на сила, Усеини го спречил оштетеното службено лице Џемал Мена, советник во Советот на Општина Охрид, во вршење службено дејствие.

„Тоа го сторил на начин што за време на одржувањето на седница на Советот откако го прашал оштетениот како ќе гласа за точката која што била на дневен ред, а оштетениот кој претходно се изјаснил дека ќе гласа по свое лично убедување, му одговорил со зборовите: ‘Чекај, ќе видам’. Потоа, се приближил до него и со тупаницата од десната рака го удрил во пределот на левата страна од лицето, па кога оштетениот започнал да бега, обвинетиот продолжил да го брка, при што со раката уште еднаш го удрил во пределот на левата страна од лицето, а во два наврати со нога го удрил во средишниот дел од грбот и во пределот на вратот, при што му нанесол телесна повреда, изразена како набиеница во пределот на левата јаболчна регија на лицето и набиеница во пределот на десната лопатица“, пишува во обвинението.

Инцидентот се случи во јуни 2019 година, а обвинение беше поднесено дури следната година. Првото судење се одржа на 1 јули лани, а судскиот процес заврши на крајот на 2022 година, цели три и пол години по претепувањето. Ова е втора пресуда во една година за Усеини. Во првата, за тепањето на сограѓанин кој потоа кажа дека не бил тепан и не се чувствува за оштетен, Усеини доби ослободителна пресуда. И овој случај е во рацете на второстепените судии, по жалбата од охридското обвинителство.