Прелиминарните резултати од изборите во Израел покажуваат тесна политичка битка и неизвесност за идното владејачко мнозинство. Со преброени 85 проценти од гласовите, десничарскиот блок предводен од партијата Ликуд на актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува да освои 53 пратенички места во парламентот.

Главниот политички ривал на Нетанјаху, поранешниот началник на генералштабот на армијата Гади Ајзенкот, со својот опозициски блок е на пат да освои 48 пратенички мандати. Во исто време, арапските партии според досегашните проекции би можеле да дојдат до рекордни 19 пратенички места. За формирање парламентарно мнозинство во израелскиот Кнесет, кој брои вкупно 120 пратеници, потребна е поддршка од најмалку 61 пратеник.

И Нетанјаху и Ајзенкот веќе најавија дека ќе направат обид за составување владина коалиција, при што политичките аналитичари не ја исклучуваат ниту опцијата за создавање влада на национално единство. Ваквата можност произлегува од фактот што поголемиот дел од еврејските партии категорично ја отфрлаат каквата било соработка со арапските политички партии.

Надлежните изборни органи соопштуваат дека сè уште не се преброени меѓу 430.000 и 480.000 гласачки ливчиња. По официјалното објавување на конечните изборни резултати, претседателот Исак Херцог треба да ги започне задолжителните консултации со претставниците на политичките сили. Доколку ниту еден од лидерите не успее да обезбеди стабилно мнозинство, Израел повторно би можел да се соочи со одржување нови вонредни парламентарни избори.