Хрватска ја отфрли можноста за меѓународна арбитража за границата со Црна Гора. Секое оспорување на копнената граница кај полуостровот Превлака официјален Загреб ќе го смета за територијални претензии.
Пленковиќ го повтори условот на Хрватска за затворање на Поглавјето 31 од преговорите на Црна Гора со Европската Унија. Станува збор за поглавјето за надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
„Можам слободно да кажам дека Поглавјето 31 нема да биде затворено додека не се реши прашањето за копнената граница. Јасна порака, која не може да биде појасна, но истовремено и пријателска“, рече Пленковиќ по пристигнувањето на вонредниот самит на лидерите на ЕУ.
Хрватската страна прецизираше на кој дел од границата се однесува предупредувањето.
„Хрватска секое доведување во прашање на копнената граница ќе го протолкува како територијални претензии на Црна Гора кон Хрватска. Зборувам експлицитно, мислам на Превлака“, нагласи тој.
Милатовиќ вчера во Брисел оцени дека хрватското условување на преговорите личи на уцена.
Тој најави дека Подгорица ќе предложи сеопфатно решение за копнената и за морската граница. Доколку Загреб го одбие предлогот, Милатовиќ како единствена опција ги посочи меѓународниот суд или арбитражата.
„Арбитражата не е опција за нас, да бидеме многу јасни“, одговори Пленковиќ.
Пленковиќ се повика на искуството со граничниот спор со Словенија. Според него, арбитражната постапка била компромитирана, поради што Загреб ја загубил довербата во таквите постапки.
Тој ги спомна и воените дејства кај Превлака, уништувањето на Дубровник и окупацијата на хрватска територија во 90-тите години.
Хрватска ѝ предложи на Подгорица веднаш да се договори за копнената граница. Разграничувањето на море би останало предмет на идни преговори.
Загреб инсистира на почитување на принципите на Бадентеровата комисија. Според нив, границите на поранешните југословенски републики станале државни граници по распадот на Југославија.
Од 2002 година е во сила привремен режим за користење на копнената и на морската област околу Превлака. Хрватска има јурисдикција врз копнениот дел на полуостровот, југозападно од Конфин.
На море, Хрватска контролира тесен појас покрај југозападниот брег на Превлака, додека Црна Гора го контролира поголемиот дел од влезот во Бококоторскиот Залив.
Пленковиќ инсистира точката кај Конфин да биде потврдена со договор за копнената граница.
„Ако слушнеме јасна порака од црногорската страна дека не го сметаат Конфин за точка каде што копнената граница се спојува со морето, тогаш имаме проблем. Тогаш не можеме да седнеме на иста маса наречена Европска Унија“, порача Пленковиќ.
